Breaking News

ПОПИС 2021: Кои се резултатите од пописот?

Во земјава живеат 1.836.713 лица, од кои 58,44 отсто Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци, покажуваат податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите, што беше спроведен од 5 до 30 септември 2021 година.

Државниот завод за статистика (ДЗС) вчера ги објави податоците од спроведениот Попис 2021. Од вкупното резидентно население во земјава, 50,4 отсто се жени, а 49,6 отсто се мажи.

Според возрасната структура, најголем процент од населението се во возрасната група од 40-44 години. Во земјава се попишани 51 лицe на возраст над 100 години.

Македонскиот им е мајчин јазик на 61,38 % од попишаните, албанскиот на 24,34 %, турскиот на 3,41 %, ромскиот на 1,73 %, влашкиот на 0,17 %, српскиот на 0,61 % српски, а босанскиот на 0,85 %.

Пописот спроведен во 2021 година покажа дека во однос на 2002 година вкупното население во државата е намалено за 185.834 лица или за 9,2 отсто.Бројот на вкупното попишано население изнесува 2.097.319 лица. Резидентно население е 1 836 713, а нерезидентно 260.606.

Од вкупниот број попишани резидентни жители, 58,44 отсто се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци.

Како Бугари се изјасниле 3.504 лица, што е 0,19 отсто од вкупното резидентно население.

Од неризедентното население, пак, опфатено со пописот, 24,45 отсто се Македонци, 66,36 Албанци, 4,79 Турци, 1,02 Роми, 0,19 Власи, 0,35 Срби и 0,81 Бошњаци.

Од вкупно попишаното население, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 се Албанци, 3,98 Турци, 2,34 Роми, 1,18 Срби, 0,87 Бошњаци и 0,44 Власи.

Православни 46,14 проценти, муслимани 32,17, попишани и 13.21 отсто „христијани“

Според религиската припадност, 46,14 % од резидентоното население во земјава или 847.390 лица се изјасниле како православни, 590.878 (32,17%) како муслимани, 6.746 (0.37%) како католици, а 242.579 (13,21%) се издвоени во посебна група како „христијани“, покажуваат пописните резултати што ги објави Државниот завод за статистика.

Како протестанти се декларирале 1.313 лица, а како посебни религиски групи се посочени и евангелско-протестанстки христијани 8.764, евангелисти-методисти 889, евангелсисти 678, адвентисти 371, баптисти 70, реформисти 50, јеховини сведоци 1.137.

Има и 74 припадници на еврејско (мојсиева) заедница, 96 харе кришна и 894 будисти.

Како атеисти се изјасниле 355, а агностици 1 964 лица.

Непопишани над 132 илјади граѓани

Во резидентно население се вклучени и 132.269 граѓани кои не биле попишани, што претставува 7,3 отсто од вкупниот број евидентирани 1.836.713 лица. Податоците за нив, како што објасни директорото на ДЗС Апостол Симовски, се преземени од административни извори и во нив нема податоци за етнички или верски карактеристики.

Бројката од 132.269 лица, според него, не е голема, со оглед на околностите во кои е спроведен пописот, а тоа е ковид-пандемијата, отсуството на граѓаните поради одмори, но и поради отворениот и скриениот бојкот.

Тој вели дека не можат сите овие лица да бидат казнети за неучество во пописот, со оглед на тоа што, како што рече, не се знае дали го бојкотирале, дали се плашеле од пандемијата, дали не биле во државата или пак не се попишани од некоја друга причина.

Според него, оние што повикуваа на бојкот, но не исклучиво само заради тоа, постигнаа да имаме еден контигнент на население за кое немаме информации.

– Тие кои се одзвале на повикот за бојкот беа изманипулирани граѓани. Секој оној кој повикуваше на бојкот, во суштина правеше само лошо. Тие што повикуваа на бојкот, не и мислат ништо добро на државата и тоа се покажа сега во суштина, подвлече Симовски.

Повеќе домаќинства и станови, просечното семејство е тричлено

Бројот на домаќинства изнесува 598.632, а на станови 839.174. Бројот на домаќинствата е зголемен за 34.336 или за 6,1 отсто. Од презентираните резултати, просечно домаќинство брои 3,06 члена.
Зголемен е и бројот на станови за 141.031 или за 20,2 отсто.

Бројот на странци времено присутни во земјава помалку од 12 месеци е 1 674.

Густината на населеност на еден километар квадратен е 72,2 лица, а просечната возраст на населението е 40,08 години. На 1.000 жени има 984,3 мажи.

Речиси третина од населението живее во Скопје

Вкупниот број на жители во Град Скопје изнесува 526.502 лица и во споредба со пописот од 2002 година е зголемен за 3,9 проценти, покажува Пописот спроведен во 2021 година.

-Бројот на домаќинства во град Скопје изнесува 171.171 и во споредба со 2002 се забележува зголемување за 16,8 проценти, соопшти директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, презентирајќи ги резултатите.

Зголемен е и бројот на станови во Скопје. Изнесува 213.850 станови што е пораст во однос на 2002 година за 30,6 проценти.

Најмала општина во земјава е Зрновци, а најголема Куманово. Преброени се и 207 празни населени места.

Реакции за Пописот

Европската Комисија го поздрави пописот во Северна Македонија нарекувајќи го големо достигнување. По објавувањето на резултатите од пописот, портпаролката на Европската Комисија Ана Писонеро за МИА изјави дека Комисијата го поздравува пописот, спроведен првпат од 2002 година.

– Ова е големо достигнување: обновени податоци за населението се суштински за планирање и имплементирање на соодветни социјални, демографски и економски политики за бенефит на сите граѓани, рече Писонеро за МИА.

Според Владата, Пописот на населението, домаќинствата и становите, што беше спроведен во периодот од 5 септември до 30 септември минатата годинa по речиси 20 години е успешно реализиран и дава релевантни информации за реалната состојба на населението, со што на државата и се овозможува да креира политики од интерес на граѓаните и бизнисот. Податоците од пописот беа оценети како сигурни, веродостојни, валидни и корисни за планирање политики.

Владејачката СДСМ смета дека пописот, кој се одржа по 20 години, е голем успех за граѓаните и за државата воопшто. Според нив, пописот е спроведен согласно закон и сите правила на Евростат. Клучно е што по 20 години државата ќе добие релевантни податоци што се однесуваат на бројот на резиденти, бројот на нерезиденти, но најмногу и најважно е на бројот на резиденти и бројот на домаќинста, станови и сите тие податоци се исклучително важни заради општетствениот и економскиот развој на државата во следниот период.

Според претседателот на ДУИ Али Ахмети, земјава по 20 години има појасен увид во врска со целокупното население и процентот на заедници во државата.

-Албанците се 29,5% во општата популација и 24,3% во резидентно население, додека во градот Скопје 22,8% (од 20,04% во 2002 година). Им честитам на сите институции кои беа вклучени и помогнаа Пописот, како процес кој започна во март минатата година со дијаспората, кој во септември заврши со регистрација на населението во државата, напиша Ахмети на Фејсбук.

Трет попис по осамостојувањето на државата

Пописот 2021 се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на КОВИД-пандемија, согласно нова методологија на ЕВРОСТАТ и првпат со комбиниран модел – освен прибирање податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од т.н. претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

Последниот попис во земјава беше одржан во 2002 година, кога вкупното население изнесуваше 2.022.547 лица, имало 564.296 домаќинства и 698.143 станови. Според националната припадност Македонци се изјасниле 1,297,981 (64,17%), Албанци 509,083 (25,17%), Турци 77,959 (3,85%), Роми 53,879 (2,66%), Срби 35,939 (1,77%), Бошњаци 17,018 (0,84%), Власи 9,695 (0,47%) и 20,993 (1,03%) останати.

На територијата на земјава, според податоците на Заводот за статистика, првите попишувања се јавуваат во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население, а првиот современ попис е спроведен во 1921 година. По Втората светска војна се спроведени осум пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година.

Пописот во 1991 година беше со нецелосен опфат. Затоа во 1994 година повторно е спроведен попис, што е прва пописна операција во Република Северна Македонија по нејзиното осамостојување.

МИА

About

Check Also

Мицкоски: Никогаш не било полошо во Македонија – треба да има избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ; Христијан Мицкоски во „Тема на денот“ во дневникот на Сител истакна дека …

Leave a Reply

Your email address will not be published.